0
За стопанисувањето со новоизградената филтер станица за вода во Пробиштип

За стопанисувањето со новоизградената филтер станица за вода во Пробиштип

По едно месечна работа и анализа на мострите од прочистената вода во почетокот на месец февруари 2013 година Јавното Комунално Претпријатие “Никола Карев” и официјално на граѓаните во градот и неколкуте приградски населени места ќе почне да им испорачува чиста и квалитетна вода, добиена по пат на ултра филтрација во новоизградената филтер станица.

За сите новости околу водоснабдувањето и користењето на овој современ објект, разговаравме со директорот на ЈКП “Никола Карев”, Милан Терзиќ.

Господине Терзиќ, по свечениот чин на сечењето на црвената лента на која присуствуваше висока владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги почнавте и подготовките за водоснабдување на населението од овој нов комунален објект. Која е придобивката од овој објект?

Милан Терзиќ: По анализите на водата, кои ќе се реализираат во периодот од 28 јануари до 2 февруари, и по добиените резултати од Јавната Здравствена Установа “Јавно здравје” од Скопје, првите количини на вода од филтер станицата кон граѓаните ќе ги пуштиме на 3 февруари, кој ете ќе се земе и ќе се памети како официјален датум на кој ќе почне да се испорачува водата од овој новоизгреден и најмодерен комунален објект не само во Пробиштип туку и пошироко на овие простори на Република Македонија, бидејки според информациите ваков начин на филтрирање на вода не е вграден во вакви објекти во Република Македонија.

До сега населението со вода со вода го снабдувавте од пумпната станица во близина селото ратавица. Со изградбата на филтерстаницата почна да се врши дотур на вода за водоснабдување на населението од новиот водозафат од горниот тек на Злетовска река со кој стопанисува ЈП ХС Злетовица. Дали договорот за преземање на оваа вода е веќе потпишан со ЈП ХС Злетовица?

Милан Терзиќ: Да, во изминатиот период додека траеше изградбата и монтирањето на опремата во филтерстаницата се изврши поставување на цевководот и приклучување на водозафат 1 на Злетовска река, наменет за водоснабдување на населението со сирова вода во општина Пробиштип, кој е во сопственост на ЈП ХС Злетовица. Договорот со ова претпријатие веќе е потпишан. Тоа беше и една од нашите обврски кои ги преземавме уште пред почетокот на градбата на филтер станицата. Сега кога зборуваме за водоснабдување на населението со квалитетна и чиста вода мислам на водата која веќе ја добиваме од водозафатот 1 изграден во горниот тек на Злетовска река. Во оваа прилика само би додал дека општина Пробиштип засега е втора општина, по Свети Николе, која почна да ја користи водата што ја испорачуваат од ЈП ХС Злетовица. За конечно преземање и почетокот на стопанисување на филтер станицата е потребно да се дорегулираат одредени формално правни работи кои во месец февруари ќе бидат изрегулирани по што ќе побараме и употребна дозвола , така што офицајалното стопанисување на ЈКП “Никола Карев”, со станицата за прочистување на водата ќе почне од средината на месец февруари.

Дали со преземањето на филтер станицата ќе побарате и зголемување на цената на водата?

Милан Терзиќ: Сегашниот систем на водоснабдување мошне долг период ни преставуваше сериозен проблем токму во делот на целокупното работење на дејностите во ЈКП. Ни одземаше пред се големи парични средства. Сега првите калкулации покажуваат дека со новата филтер станица ќе имаме намалување на трошоците, така да не станува збор за скорешно зголемување на цената на водата. Инаку да биде појасно, цената на водата се формира по веќе определена методологија. За нас единствен проблем ќе ни преостане зголемувањето на цената на енергенсите, нафтата, електричната енергија кои би можеле да ни попречат во првичното работење во новата филтер станица. Но, јас сум убеден дека покачување на цената на водата во текот на оваа 2013 година нема да има.

Добивте на стопанисување нов современ објект. Дали ЈКП “Никола Карев”, располага со соодветен стручен кадар за нејзино користење и стопанисување?

Милан Терзиќ: Задоволен сум од соработката која во изминатите неколку месеци ја имавме со стручниот тим на словенечката компанија Искра системи која работеше на изградбата и вградувањето на опремата за ултра филтрација на водата во станицата за прочистување на водата во Пробиштип. Од самиот почеток расположливиот кадар, како инженерски така и средно техничкиот персонал во ова јавно комунално претпријатие, ја следеше имплементација на овој проект. За одбележување е што беше вклучен и во самото вградување на опремата во објектот, така што изминатиот период и за нив преставуваше период на запознавање и вклучување во самиот процес на работа со монтираната опрема. Би додал дека стручниот тим на Искра системи кој и ја заврши мошне квалитетно својот дел од работата со ангажираните вработени од ЈКП “Никола Карев”, ќе останат и во наредните три месеци и ќе продолжат да го следат процесот на прочистување и испорака на водата, но и да ја надгледуваат работата на нашите луге.

Дали тоа значи дека ЈКП “Никола Карев”, нема да има потреба од ангажирање на дополнителен стручен кадар за работа во процесот на прочистување на водата во новата филтер станица?

Милан Терзиќ: Со оглед на фактот дека станува збор за филтер станица во која е вградена најсовремена опрема за прочистување на водата по пат на ултра филтрација во самиот процес ќе бидат ангажирани машински и електро инжинерски кадар, како и среден технички кадар кој веќе го имаме на располагање во претпријатието.

0

...